Металург е суспендиран поради долг од 90.000 евра, но клубот нема да згасне

Металург вчера не го одигра ракометното дерби против Вардар откако Европската ракометна федерација (ЕХФ) реши да го суспендира тимот од Автокоманда и од домашните натпреварувања. Причина за ваквата одлука е тужбата која стигна на име на клубот поради долговите кон Зоран Кастратовиќ и Александар Шпенде.

Претседателката на Металург, Зорица Блажевска, побара поддршка од РФМ и верува дека целата ситуација набрзо позитивно ќе биде решена.

„Вистината е една иако има две страни. Металург е суспендиран од домашното првенство поради долговите кон Шпенде и Кастратовиќ. Пред три години кога дојдов, одлучив да ја одберам насоката која е правилна и чесна. Имав една сметка која беше блокирана и една која беше чиста. Можевме да го одбереме другиот пат, но ќе ги навредевме оние кои сè направиле за Металург да биде најсилен“, започна Блажевска.

Металург ќе побара од РФМ мечевите кои нема да ги одигра поради суспензијата, да се сметаат како одложени, а откако ќе се реши спорот, да се одиграат сите дуели. Со Шпенде е постигнат договор, но проблем е спорот со Кастратовиќ.

„Ја оспоруваме одлуката на ЕХФ за Кастратовиќ кој бара да се исплатат седум плати до крајот од договорот. Тоа не е чесно, парите не се заслужени. Јас ги прифатив платите кои ги одработил, како и премијата, но тој сам даде отказ. Зборував со Кастратовиќ и не можеме да најдеме заедничко решение. За разлика од него, со Шпенде се договоривме. Ќе побарам состанок со РФМ да ни излезат во пресрет. Моето барање е да најдеме заедничко решение на 15 дена пред доделувањето на ваучерот. Овие три кола за исклучување од лигата да ги водиме како одложени меча, а потоа да ги одиграме на крајот од месецот“, додаде Блажевска.

- Оглас -

Најнови вести