Металург ги претстави трите засилувања, Брестовац најави враќање на стариот пат

Металург ги претстави трите нови засилувања, Александар Шпенде, Миха Пучник и Гонзало Рибеиро, во пресрет на мечот против Чеховски медведи во Лигата на шампионите. Претставувањето беше на денешната прес-конференција, во која тренерот Данило Брестовац истакна дека тимот полека се комплетира, па така и започнува фазата на враќање на Металург на старите патеки.

„Претходно посочив дека со нетрпение ја чекам паузата за да се консолидираме. Тоа и го направивме, сега сме покомплетни и повеќе личиме на екипа, имаме и повеќе опции за ротација. Можеби го загубивме Јагањац, но добивме три квалитетни засилувања со кои ќе бидеме поконкурентни. Се надевам дека брзо ќе се усогласат со останатите ракометари и нашиот начин на работа, а воедно ќе можат да им помогнат на помладите играчи со своето искуство. Ѝ благодарам и на управата која брзо реагираше и ги реализираше трансферите во краток период“, истакна Брестовац.

Што се однесува до средбата против Чеховски медведи, Брестовац посочи дека неговата екипа е гладна за победа, а воедно побара и поддршка од трибините во недела.

„Создаваме нов Металург, ги направивме првите чекори кон враќањето на стариот сјај на овој тим и се надевам дека уште во недела ќе ни тргне во нагорна линија. Поддршката од трибините ќе ни биде потребна, па затоа ги повикувам навивачите да дојдат во што поголем број“, додаде Брестовац.

Натпреварот од шестото коло во Лигата на шампионите меѓу Металург и Чеховски медведи ќе се игра во недела, во терминот од 17 часот.

- Оглас -

Најнови вести