Мхитарјан од политички причини нема да игра против Карабах

Ерменскиот фудбалер Хенрих Мхитарјан нема да биде дел од тимот на Арсенал при патувањето во Азербејџан, каде што треба да се сретне со Карабах во групите од Лигата на Европа. Причините се од безбедносна природа.

Тој реши да остане во Лондон и да не патува со остатокот од екипата во државата која има воени тензии со соседната Ерменија, каде што е роден фудбалерот на „топчиите“. Конфликтот помеѓу земјите е поради војната во кавкаската област Нагорно Карабах. Таму мнозинството се Ерменци, но територијата му припаѓа на Азербејџан.

Дипломатските односи помеѓу двете земји се раскинати, па од средината на 90-тите наваму, ниту еден жител на едната не смее да премине во другата земја. УЕФА гарантираше дека фудбалерот може да влезе во Азербејџан со специјална виза, но од Арсенал рекоа дека безбедноста на нивните играчи е на прво место и според анализите кои ги направиле, донеле одлука Мхитарјан да не патува.

На Мхитарјан не му е првпат да има ваков проблем. Во 2015 година, кога играше за Борусија Дортмунд, не можеше да патува во Баку, на дуелот со Кабала.

На 29-ти мај 2019, финалето на Лигата на Европа се игра во Баку, главниот град на Азербејџан, и интересно ќе биде да се види ако Арсенал стигне до битката за трофејот, дали тогаш Мхитарјан ќе се реши да патува на непријателска територија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести