Милан уште еднаш потврди дека е тим кој не игра константно, па и затоа веќе неколку години не е дел од најдобрите екипи во Италија. „Росонерите“ ги разочараа своите навивачи откако на „Сан Сиро“ одиграа 2-2 против Аталанта. По ова реми, некогашниот европски првак остана само со една победа и пет освоени бодови, по првите четири кола.
Гонзало Игуаин погоди уште во втората минута за водство од 1-0 на полувремето. Гомез во 54-тата израмни, а само седум минути подоцна, Бонавентура повторно го доведе Милан во предност од 2-1. Така беше сè до судиското надополнување. Тогаш Ригони се најде на вистинското место и погоди за 2-2.
Од Милан бараа помош од технологијата ВАР сигнализирајќи дека имало офсајд, но повторената снимка покажа дека погодокот е регуларен. „Росонерите“ по којзнае кој пат ги разочараа своите навивачи и останаа без победа, иако два пати беа во водство.
За разлика од Милан, Арсенал ја искористи предноста на домашен терен за победа во англиската Премиер лига. „Топчиите“ со 2-0 беа подобри од Евертон, благодарение на погодоците во второто полувреме.