Челниците на Фиорентина се жалат на некоректен однос на раководството на Милан пред дербито во недела на први мај што ќе се игра на „Сан Сиро“ во Милано, а проблем се влезниците за гостинските навивачи.
Мечот е исклучително важен за двете екипи, особено за Милан, кој ја има пол-позицијата во трката за Скудетото.
Со два бода предност пред Интер на четири кола до крајот на италијанското првенство, Милан е голем фаворит за титулата и му требаат три победи и едно реми за да бидат нови прваци.
„Ова е неспортски од Милан. Билетите што се наменети за нашите навивачи им ги продаваат на нивните симпатизери. Ќе разговарам со претседателот на Милан, Паоло Скарони, за да се разреши проблемот што самите го направија. Не е спортски да нема наши навивачи на ‘Сан Сиро’ во недела“, изјави Џое Бароне, генералниот менаџер на Фиорентина.
И Виолетовите се надеваат на победа во дербито, со која би се вратиле во игра за настап во еврокуповите, а за Милан ова е еден од четирите натпревари на кои мора да се победи за да се освои 19-тата титула во Италија.