Милан започна преговори со Покетино

Актуелниот селектор на САД, Маурисио Покетино, е главен кандидат за нов тренер на Милан, пренесува „Би-Би-Си“. Според информациите, италијанскиот гигант веќе започнал преговори со аргентинскиот стратег по разделбата со Масимилијано Алегри.

Раководството на Росонерите во вторникот направи големи промени, откако покрај тренерот беа разрешени и тројца директори, а Покетино се издвоил како прв избор за нов предводник на тимот.

Се очекува аргентинскиот тренер да ја напушти репрезентацијата на САД по Светското првенство, а интерес за негов ангажман постои и од Челзи и од Тотенхем, клубови кои веќе ги водеше во минатото.

Последниот клуб на Покетино беше Челзи, каде во сезоната 2023/24 заврши на шестото место во Премиер лигата и играше финале во Карабао купот, кое го загуби од Ливерпул. Претходно беше тренер на ПСЖ, со кој освои титула во Франција и националниот Куп.

Најголем белег во кариерата остави во Тотенхем, каде помина пет и пол години и го одведе клубот до финалето на Лигата на шампионите во 2019 година. Тогаш лондонскиот тим беше поразен од Ливерпул со 2-0.

Милан, за кој настапува и капитенот на Хрватска Лука Модриќ, не успеа да обезбеди место во Лигата на шампионите за следната сезона, што е една од главните причини за големите промени во клубот.

Росонерите долго време беа во трка за Скудетото, но со слаб финиш паднаа на петтата позиција. Сепак, клубот обезбеди настап во Лига Европа, што претставува подобар резултат во однос на оваа сезона кога Милан воопшто не играше во европските натпреварувања.

- Оглас -

Најнови вести