Милер ќе ги пропушти двата меча против Ливерпул поради „кунг-фу“ ударот

Томас Милер, офанзивецот на Баерн Минхен, ќе ги пропушти двата осминафинални дуели против Ливерпул во Лигата на шампионите поради црвениот картон кој го заработи во шестото коло од групната фаза против Ајакс. УЕФА дури денес, односно еден месец по инцидентот, ја изрече казната за Германецот, кој направи немилосрден фаул врз бекот на Ајакс, Николас Талјафико.

Баерн има право да поднесе жалба за казната, но тешко дека Европската фудбалска куќа ќе ја прифати жалбата знаејќи дека Милер сосема оправдано го заработи црвениот картон. Директно исклучување значи суспензија од два меча, а Милер не заслужи помилување по „кунг-фу“ ударот врз противникот, кој подоцна си доби и неколку конци на главата.

Првата средба ќе се игра на „Енфлид“, која е закажана на 19-ти февруари (21 часот), додека реваншот на „Алијанц арената“ е предвиден за 13-ти март во истиот термин.

- Оглас -

Најнови вести