Милевски: Македонија треба да биде горда на овие млади момци кои покажаа како треба да се бори за државниот дрес

Задоволство кај селекторот Благоја Милевски по одиграното реми против Англија во Скопје. Овој резултат за Македонија е добра сатисфакција, посебно откако само пред неколку месеци на „Олд Трафорд“ загубивме со рекордни 7:0. Милевски даде осврт на неговата работа во целиот период откако е назначен за селектор.

„Овие две години и три-четири месеци не само што напредуваме туку и напредуваме заедно со подмладување на репрезентацијата. Дојдовме до некој зенит со баражите за СП. Потоа добивме група која и сам да ја составував, мислам дека немаше да биде потешка. Морам да бидам задоволен, посебно од младите момци. Не само јас, туку и цела Македонија мора да биде горда на овие млади играчи затоа што покажаа како треба да се бори за овој дрес. Да се спротиставиш на селекции како Англија, Италија и Украина на ваков начин, мора да се биде задоволен. Сепак, имаме уште многу работа. Уште сме многу далеку од Италија и од Англија. За Украина не би рекол дека сме далеку и најмногу ми е жал што против Украина не освоивме неколку бодови. Останува да продолжиме со работа и во иднина“, рече Милевски.

„Дури 60 до 70 отсто од играчите имаат проблеми со добивање минутажа во клубовите во коишто играат. Не се стандардни во своите клубови, но кога ќе дојдат за репрезентација, даваат 300 отсто од силите. Дури и кога не се на потребното ниво, никако овие момци не треба да се критикуваат. Секоја чест за нив. Еден Елмас или Барди, кои не добиваат доволно шанса во своите екипи, да не зборувам за еден Алиоски, кои кога ќе дојдат тука го даваат максимумот. Секогаш играат со својот максимум. Затоа само треба да се каже секоја чест за фудбалерите кои играат за Македонија“, додаде Милевски.

Што се однесува до пеналот со кој Македонија поведе против Англија, селекторот рече дека не сака да коментира судиски одлуки.

„Не би сакал да ги коментирам судиските одлуки. Тука е ВАР-системот и што ќе одлучи, ние треба да го почитуваме тоа“, беше коментарот на Милевски.

- Оглас -

Најнови вести