Милевски: Нема да се браниме, а од играчите ќе барам да уживаат на теренот во Палермо

Селекторот Благоја Милевски се обрати пред јавноста за мечот против Италија и стави до знаење дека фудбалерите нема да имаат никаков психолошки притисок.

„Се работи за еден меч, во 90, можеби и 120 минути ќе се решава сè. Ќе барам играчите да уживаат на теренот во Палермо.

Адис Јаховиќ е неизвесен и има повреда на тетивата, додека Илија Несторовски навистина игра малку и не е повикан во репрезентацијата поради немање континуитет. Додека, пак, Адеми го очекуваме во полн капацитет“, започна селекторот и продолжи:

„Ние си ја гледаме нашата состојба иако и кај Италијанците има доста отсутни или неизвесни играчи за оваа средба. Но, тие се европски прваци и имаат широка база на квалитетни фудбалери.

Нема да се браниме и ќе покажеме зошто оваа репрезентација е во баражот за Светското првенство, ама секако дека ќе ја респектираме Италија бидеќи таа е историски и во моментов во топ 5 фудбалски земји. Во модерниот фудбал нема поразени или победени однапред. Сето тоа треба на терен да се покаже.

Момците покажаа доста пати дека се кадарни за големи нешта. И сега е така и сакаат да потврдат квалитет и заслужен настап во баражот. Покажавме дека сите треба да нè респектираат. Имавме одлични квалификации и Македонија не смее да ја потцени никој.

Јасно е дека ќе ни фалат Елиф Елмас и Тихомир Костадинов, но верувам дека играчите што ќе ги заменат, ќе покажат дека ние сме комплетен тим.

Момците се свесни дека испишуваат историја во последно време и заслужено уживаат. Да, баражите се едно ниво погоре од квалификациски меч, но во еден меч, па макар противник и да е Италија мислам дека е подобра варијанта за нас. Ако ја минеме Италија, сеедно е кој ќе ни биде следен противник. Македонија е во Топ 20 и евентуален подвиг во Палермо дополнително ќе не вивне кон горниот дом на европскиот фудбал“.

 

- Оглас -

Најнови вести