Милевски: Резултатот е неправеден, головите ги примивме по наша вина

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски, на прес-конференцијата после натпреварот со Исланд, истакна дека неговиот тим заслужил да освои три бода и дека е задоволен од играта до првиот примен гол.

„Не би го коментирал судењето додека не ги погледнам снимките. Реагирав, но тоа се нормални емоции за време на натпревар. Мислам дека Македонија беше многу подобар противник, не памтам кога сме играле ваков фудбал 75 минути, неправеден е овој резултат, но тоа е фудбалот, честитки и за Исланд, покажа карактер и не се откажа до крај. Мора да бидам задоволен од моите момци како играа, не како завршија, туку што 70-75 минути прикажаа перфектен фудбал, а головите што ги примивме беа по наша вина, индивидуални грешки. После првиот примен гол, психолошкиот момент беше пресуден. Ќе треба да направиме подетална анализа што се случи“ – изјави селекторот Милевски, кој не мисли дека замената на Енис Барди била грешка, бидејќи тој бил заморен, а неговата замена Трајковски погоди статива.

„Нашата група е составена од квалитетни селекции, секој може секого да победи, уште многу има да се игра. Второто место не е загубено, најважен е психолошкиот момент за следниот меч со Романија. Многу е тешко да се игра после ваков меч, но немаме време за жалење, почнуваме да се подготвуваме“ – додаде Милевски.

- Оглас -

Најнови вести