Милевски: Сите македонски репрезентации треба да играат во иста формација

Новиот предводник на фудбалската А селекција на Македонија, Благоја Милевски, заедно со техничкиот директор на федерацијата, Зоран Стратев, како и раководителот на сите селекции, Никола Зердески, одржаа работен состанок во просториите на Куќата на фудбалот.

На средбата се разговарало за неколку актуелни теми со цел поуспешни резултати на сите наши национални тимови. Најголем акцент бил ставен на меѓусебната координација на сите селекциите, односно тоа дека сите наши репрезентации ќе почнат со имплементација на играње со иста формација сè со цел полесно вклопување на играчите во секоја наредна фаза во селекцијата, за крај и успешна афирмација на самите фудбалери во А тимот. Очекувањата се оптимистички.

„На состанокот се дискутираше за фудбалски теми, а дискусијата главно беше сведена на поставувањето на критериуми при одредување на репрезентативци, а целта е создавање на профил на играчи кој ќе одговори на потребите на репрезентацијата. Самиот селектор сугерираше дека е потребно сите селекции да се базираат на играње со иста формација и врз основа на тоа да се создадат профили на играчи кои ќе одговараат на најсоодветната формација за остварување на национални успеси”, изјави техничкиот директор на ФФМ, Стратев.

„Разговаравме околу принципите на селектирање, системите на игра со кои ќе се обучуваат фудбалерите, како и самиот профил на репрезентативците, односно кои индивидуални карактеристики треба да ги поседуваат за да бидат членови на репрезентацијата, без оглед на тоа за која возрасна група имаат право да настапуваат”, рече новиот селектор Милевски.

 

- Оглас -

Најнови вести