Милиметарот кој на двапати ги возбуди страстите во групната фаза

Вкупно 48 натпревари од Светското првенство во Катар се одиграа и остануваат уште 24 за да се дознае новиот светски првак. По дуелите од групната фаза останаа уште 16 репрезентации во трката за највредниот трофеј во фудбалот.

Многу возбудувања имаше во досега одиграните мечеви, а интересно е дека технологијата имаше голем удел во повеќе средби. ВАР-системот ја „кроеше судбината“ на повеќе мечеви, а најмногу влијаеше на тоа четирикратниот светски првак Германија да не успее да ја помине групата.

Јапонија со 2:1 ја победи Шпанија во меч по кој азиската селекција стигна до шест бода, а победничкиот погодок беше постигнат по консултација со ВАР-системот. Многу голема беше дилемата дали топката со цел обем ја помина гол-аут линијата или Јапонците постигнаа регуларен гол. На крајот, снимката покажа дека буквално еден милиметар беше доволно за погодокот да е регуларен, а со тоа и Германија да биде елиминирана од Мундијалот.

Вториот милиметар кој крена многу „врева“ се случи на дуелот меѓу Португалија и Уругвај, а овојпат спорно беше кој е стрелец на првиот погодок за Португалија. Бруно Фернандеш нафрли, Роналдо скокна да ја удри топката, која подоцна заврши во мрежата.

Роналдо се радуваше, но сензорот кој е во топката не регистрирал допир на Кристијано, па погодокот беше запишан зад името на Фернандеш.

- Оглас -

Најнови вести