Милосављев: Мечот со Кристијанштад ни беше поважен од тој со Монпелје

Ракометниот тим на Вардар двапати сезонава ги импресионираше своите навивачи и покажа дека и со доста изменет и поефтин состав од лани, може да биде и тоа како конкурентен во Лигата на шампионите.

Победите од 27:24 на гости кај европскиот првак Монпелје и домашната над Кристијанштад од 33:25, се доказ дека Вардар и сезонава има тим за високи дострели.

Тренерот Роберто Гарсија Парондо, беше презадоволен од првите 21 минути од мечот со Швеѓаните, кога Вардар водеше со 15-5 и имаше неверојатни 93 отсто реализација.

„После победата во Монпелје, почнавме да се подготвуваме за Кристијанштад. Знаевме дека тие се тим кој игра брзо, особено во транзицијата, и мислам дека бевме добро подготвени за нив. Овој меч ни беше поважен отколку тој првиот со Монпелје, бидејќи игравме дома, и не сакавме да ги разочараме навивачите. Тренерот ни рече да дадеме максимум и тоа го сторивме. Наша цел е низ целата сезона да го држиме овој ритам“ – рече голманот Дејан Милосављев, кој имаше осум одбрани.

Во наредното коло, вардарци имаат прилика да врзат пет сезони по ред со три победи на стартот од ЛШ. Но, нема да биде лесно, бидејќи ривал ќе им биде унгарски Веспрем, кој вчера загуби од Барселона и ќе биде како ранет лав. Членови на Веспрем се Арпад Штербик и Дејан Манасков.

 

- Оглас -

Најнови вести