Младинец на Јунајтед се лечел кај пастор во Нигерија кој лекувал со допир (видео)

Младинецот на Манчестер јунајтед Анхел Гомес во 2016 година отпатувал за Нигерија на лекување кај пастор кој лечел со допир. Гомес се соочувал со повреди на колкот, препоните и глуждот, поради што не можел во целост да ги извршува обврските во клубот. Често повредите се појавувале пред важни турнири или пак во ситуација кога имал прилика да игра за сениорскиот тим на Црвените ѓаволи.

„Се викам Анхел Гомес, доаѓам од Англија и сум фудбалер на Манчестер јунајтед. Се соочувам со повреди на колкот и препоните, а пред извесно време го оштетив и глуждот и морав долго време да паузирам. Повредите најчесто се случуваат кога треба да играм на турнир или пак пред да добијам прилика да играм за сениорскиот тим на Јунајтед. Моето семејство долго време го следи пасторот Ти-Би Џошуа и сметам дека во вистински момент дојдов да си ја пробам среќата“, вели Гомес.

https://twitter.com/EtniesJags/status/1272633850129256448

Во видеото се гледа како пасторот неколкупати го допира младиот англиски репрезентативец, а само моменти подоцна Гомес протрчува без проблем. Откако ова видео се појави на социјалните мрежи, Гомес денес се изјасни преку „Твитер“ дека бил во посета кај пасторот бидејќи неговите родители го сакале тоа и дека се обидувал да си ги реши проблемите кои долго време го мачеле.

„Знам дека изгледа лудо, но јас само ја практикувам мојата религија“, се изјасни Гомес. Инаку, сега веќе 19-годишниот Гомес оваа сезона запиша шест настапи за првиот тим на Јунајтед без да реализира гол или пак асистенција.

- Оглас -

Најнови вести