Кошаркарската репрезентација на Македонија ги финишира подготовките за настапот на Европското првенство – Б дивизија во Полска. Избраниците на селекторот Боро Смилковски на досегашните пријателски натпревари имаат половичен успех од две победи, над две контролки забележаа две победи над соодветната селекција на Словачка, а до крајот на подготовките ги очекуваат уште два натпревари.
„Напорно работиме веќе дваесетина дена на физичко и техничко-тактички план, затворивме еден мини-циклус на подготовки во кои успешно ја подигнавме физичката спремност кај играчите и ги поставивме принципите на нашиот систем. Натпреварите со Црна Гора можеби дојдоа прерано, но тие ни беа одлична можност за да креираме некоја слика за нас и рамки во кои треба да се движиме. Од друга страна, натпреварите со Словачка на кои забележавме две победи ни дадоа една различна слика за тоа што досега имаме сработено. Додека на првата контрола пред домашната публика бевме некако пренервозни и имавме проблем со тактичка реализација на моменти и недисциплина, ми се чини дека вториот натпревар ни даде една поинаква слика, стандард како треба да изгледа натпревар во националниот дрес и можам да кажам дека сум задоволен од прикажаното, а имајќи предвид дека нè мачат и одредени повреди кај дел од играчите и фактот дека настапивме ослабени, со 11-мина играчи во ростер без неколку стандардни во ротацијата. Нè очекуваат уште десетина дена од периодот на подготовките и уште два контролни натпревари против комбинирана колеџ-селекција од САД, како и натпреварот со Швајцарија во сабота. Со еден сериозен пристап и со надеж дека со комплетен состав ќе патуваме за Полска, да го дадеме нашиот максимум за Македонија во обидот да избориме опстанок во А дивизијата, одговорност што ја носиме за идните генерации“, вели селекторот на младинската репрезентација, Боро Смилковски.
Репрезентацијата на Македонија за кошаркари до 20 години до крајот на подготовките ќе одигра уште два контролни натпревари. Во четврток (04.08) со почеток во 17 часот за противник ја имаме колеџ-селекцијата на САД до 20 години, додека во сабота (06.08) во 17 часот следува дуелот против Швајцарија до 20 години.