Македонските фудбалски таленти немаат добар циклус во квалификациите за Европското првенство во Италија и Сан Марино следната година, а на неверојатен начин ги губиме бодовите со голови во последните моменти.
Ако се сметаат головите што ги примавме во второто полувреме, загубени се најмалку десет бодови на осум натпревари.
И денеска не беше поинаку, а сигурната победа против Ерменија и предноста од 3-1 во самиот финиш ја прокоцкавме со два примени погодоци во последните моменти.
Амановиќ си постигна автогол во 90-тата минута, Аветисјан ни даде гол во третата минута од судиското продолжение и победата исчезна.
Претходно, во овој циклус губевме бодови со голови примени во вториот дел против Гибралтар, со голот во 94-тата минута загубивме дома од Русија со 3-4, Австрија нè победи со 2-0 со два гола во продолжението од мечот, Србија славеше со 2-1 минатата седмица со погодок во 80-тата минута и денеска Ерменците ни одземаа два бода со голови во последните моменти.
Неискуството е очигледно кај нашите млади фудбалери, но јасно е и дека треба да се поработи на психофизичката подготовка за да се избегнува повторувањето на лекциите, односно натпреварите во кои загубивме десеттина бодови со примени голови во вториот дел.
Младите се неискусни – Второто полувреме ни ги „лапа“ бодовите