Моќниот Манчестер јунајтед – го растури Лидс во Австралија

Манчестер јунајтед без никакви проблеми, со 4:0 го победи Лидс во пријателски меч одигран во Перт, Австралија. Овој дуел е втор од турнејата на Црвените ѓаволи на овој континент и втор сигурен триумф.

Ревијата погодоци беше најавена уште во седмата минута, кога погоди Гринвуд за 1:0. До крајот на првиот дел, на погодок се израдува и Рашфорд. На стартот од вториот дел, тренерот на Манчестер јунајтед, Оле Гунар Солскјер, го замени целиот состав и во игра внесе 11 нови играчи.

Лидс на клупата имаше само петмина резерви, а првата замена ја направи во 63-тата минута. Интересно е тоа што тренерот на Лидс, Марсело Бјелса, не сакал да ги заморува главните играчи во екипата, па на турнејата во Австралија замина со оние играчи кои помалку би играле во новата сезона. Токму затоа во редовите на Лидс го немаше ниту македонскиот репрезентативец Езџан Алиоски.

Манчестер во второто полувреме и со новиот состав продолжи да напаѓа, а тоа резултираше со погодоците на Џонс и Марсијал од пенал за конечни 4:0 против клубот со кој немаа играно дури осум години.

 

- Оглас -

Најнови вести