Моќна е Премиер лигата – Од Арсенал зависи дали ќе има апсолутна англиска доминација

Моќна е Премиер лигата, сигурно и најсилна сезонава во светот на фудбалот, а потврда е доминацијата во европските купови. Може да биде и апсолутна ако денеска Арсенал успее да го елиминира Вилјареал и да обезбеди двојно англиско финале во двете најсилни европски клупски натпреварувања, Лигата на шампионите и Лигата на Европа.

Во ЛШ веќе е познато дека за пехарот ќе играат Манчестер сити и Челзи, на 29 мај во Истанбул, а и три дена претходно во Гдањск може да има уште едно англиско финале меѓу Арсенал и Манчестер јунајтед.

Манчестер јунајтед има само рутинска задача, денеска од 21 часот против Рома во Рим да ја задржи предноста од 6:2 од првиот меч што се одигра на „Олд Трафорд“.

Арсенал му е домаќин на Вилјареал во Лондон, а ќе го почне реваншот со негатива од 1:2, што не е недостижна. Топчиите и Жолтата подморница досега двапати играа двомечи во европските купови, и тоа во Лигата на шампионите, и Арсенал двапати излегуваше како вкупен победник.

Во 2006 година победата од 1:0 во Лондон му беше доволна на Арсенал да се пласира во финалето на ЛШ бидејќи во реваншот-мечот заврши без голови. Потоа Топчиите го загубија натпреварот за пехарот од Барселона со 1:2.

Само три сезони подоцна, повторно двете екипи играа меѓу себе, тогаш во четвртфиналето на ЛШ и пак Арсенал беше подобар.

Во Шпанија првиот дуел заврши нерешено, 1:1, а во реваншот Арсенал славеше убедливо со 3:0 и му излезе на мегдан токму на Манчестер јунајтед, од кого испадна во полуфиналето.

Сега е можен нов англиски дуел меѓу Топчиите и Црвените ѓаволи во финалето во Гдањск на 26 мај, во битка за пехарот во Лигата на Европа.

 

- Оглас -

Најнови вести