Молеа да го купат, сега ни со молење не може да го избркаат од клубот

Мартин Брајтвајт е можеби најизненадувачкиот фудбалер кој во последниве неколку години го облече дресот на Барселона. Некогашниот голгетер на Леганес дојде на „Камп ноу“ по еден преседан, кој многу ретко се гледа во Шпанија.

Барселона успеа да го купи Брајтвајт и да го регистрира во момент кога нема трансфер-период и е забрането доведување на нови играчи. Сепак, малку чудното правило на Примера дивисион да може да се доведе еден играч во кое било време доколку екипата нема фудбалер на таа позиција Барселона го искористи за да го купи Данецот од Леганес.

Во првите две сезони, Брајтвајт одигра 40 меча, но откако Чави дојде за тренер, напаѓачот целосно испадна од комбинација и минатата сезона одигра само четири средби. Брајтвајт има договор до 2024 година и бара клубот да му ги исплати договорените 12 милиони евра од договорот за да може да си замине. Во секој друг случај, фудбалерот решил дека ќе остане на „Камп ноу“ до крајот на договорот.

Слична е ситуацијата и со Френки де Јонг, кој исто така не сака да си оди од Барселона, што претставува голем проблем за каталонскиот гигант. Се шпекулира дека доколку не се намалат трошоците во клубот, Барселона нема да може да ги регистрира новите играчи кои дојдоа летово.

- Оглас -

Најнови вести