Монако ќе го искористи лошиот потег на Севилја, Бен Једер се враќа во Франција

Висам Бен Једер одигра одлични три сезони во Шпанија, во дресот на Севилја, но клубот од Андалузија погреши и веројатно ќе го загуби својот стандарден првотимец, по одлуката на раководството на Монако да ја плати отштетната клаузула од 40 милиони евра.

Севилја го купи Бен Једер во 2016 година од Тулуз за 9 милиони евра, а играчот што има и четири настапи за Франција играше одлично за шпанскиот клуб. Тогаш потпиша 5-годишен договор, со отштетна клаузула од 40 милиони евра.

Бен Једер вреди повеќе, барем според тоа што го прикажуваше во дресот на Севилја, а пред него се уште доста години за играње бидејќи има 28 години. Неговиот сегашен клуб не му понуди да се обнови и да се продолжи договорот и со тоа да се зголеми отштетната клаузула. Според правилата на ФИФА и на УЕФА, клубот што ќе ја плати предвидената сума, во случајот со Висам од 40 милиони евра назначена како отштета, веднаш може да го ангажира играчот.

Лани беше најдобар стрелец на Севилја со 18 голови, а имаше и девет асистенции, а беше вкупно шести стрелец во силната Ла Лига.

Севилја го продаде и вториот најдобар стрелец од ланската сезона, Пабло Сарабија, кој го засили Пари Сен Жермен.

- Оглас -

Најнови вести