Монструозен дабл-дабл на Валанчиунас, Чикаго има ист старт од триумфалната ера на Џордан (Видео)

Јонас Валанчиунас одигра маестрална партија баскет и имаше фантастичен дабл-дабл од 22 поени и 23 скока за прва победа на Њу Орлеанс пеликанс, тим што славеше со 107:98 против Минесота.

Литванецот ја игра првата сезона за тимот од Њу Орлеанс и покажа дека ќе биде големо засилување со блескав меч во „Таргет центар“ во Минеаполис.

Брилијантна му беше и една од трите асистенции во стилот на квотербек од популарната НФЛ-лига.

Перфектен старт во новата сезона има Чикаго булс со четири победи на четири меча, нешто што на шесткратните НБА прваци не им се случило од сезоната 1996/97, кога предводени од Мајкл Џордан ја освоија петтата шампионска круна.

Еден од главните фактори за големата трансформација на Булс е доаѓањето на Олстар-ѕвездата Демар де Розан. Ноќеска со 26 поени тој беше прв стрелец во победата од 111:108 против Торонто, тимот што го одбра на драфтот и каде што мина дури 10 сезони.

Ноќеска најнеизвесно беше во „Спектрум центарот“, каде што Шарлот хорнетс им беа домаќини на Келтите од Бостон. Во регуларниот дел, мечот заврши нерешено, 122:122, а во продолжението со серија од 14:0 гостите брзо го решија победникот и славеа со 140:129.

Во таа серија од 14:0 сите поени за Бостон ги дадоа Џејсон Тејтум и Џејлен Браун, двајца кошаркари кои одиграа брилијантен меч.

Тејтум постигна 41 поен со 7 скока и 8 асистенции, а Браун уфрли 30 поени со 9 скока.

Џејлен го имаше и потегот на мечот, веројатно и на целата програма во НБА со ефектно забивање на почетокот на продолжението.

Сличен учинок како Валанчиунас имаше и Никола Јокиќ со 24 поени и 19 скока за Денвер, но Нагетс загубија од Кливленд кавалирс дома со 87:99.

Резултати: Шарлот – Бостон 129:140 по продолженија, Индијана – Милвоки 109:119, Атланта – Детроит 122:104, Бруклин – Вашингтон 104:90, Мајами – Орландо 107:90, Торонто – Чикаго 108:111, Минесота – Њу Орлеанс 98:107, Денвер – Кливленд 87:99, Л.А. клиперс – Портланд 116:86.

 

- Оглас -

Најнови вести