Може ли и Јувентус да направи „чудо“ како Ајакс и Манчестер јунајтед?

Јувентус уште еднаш потврди дека е неприкосновен во италијанската Серија А, па со победата над Удинезе од 4-1, само уште повеќе ја зголеми предноста во однос на Наполи, кој е второпласиран, но сега заостанува дури 18 бодови. „Старата дама“ ќе се радува на ново Скудето во домашниот шампионат, но тоа не е главна сатисфакција за тимот.

Примарна цел за гигантот од Торино е освојување на Лигата на шампионите, а сега ги очекува еден голем предизвик. Јувентус има негатива од 0-2 по првиот меч со Атлетико Мадрид и утревечер на домашен терен ќе имаат „невозможна мисија“. Никогаш досега најтрофејниот италијански клуб не успеал да надомести два гола заостанување во ЛШ во нокаут-фазата.

Сепак, дека ништо не е завршено, а и дополнителна надеж и мотив на играчите на Јувентус сигурно им се и резултатите од минатата недела во Лигата на шампиони. Ајакс успеа да ја анулира негативата од 1-2 против Реал Мадрид, и тоа со победа од 4-1 на „Сантијаго Бернабеу“. Неверојатна беше и победата на Манчестер јунајтед на гости кај Пари Сен Жермен од 3-1, ако се знае дека францускиот првак на првиот меч славеше со 2-0 на „Олд Трафорд“.

Ако Ајакс и Манчестер јунајтед успеаја да направат подвиг на гостински терен, Јувентус тоа ќе треба да го стори пред своите навивачи, што е плус мотив за „старата дама“. Атлетико е тим кој тешко прима голови, но за Јувентус нема предавање и утревечер во Торино сигурно следуваат неизвесни 90 минути.

 

 

- Оглас -

Најнови вести