Мундијалот во Катар ќе биде историски и по уште еден многу важен детаљ

Светското фудбалско првенство кое оваа година ќе се игра во Катар ќе биде историско по многу елементи. Тоа ќе биде првиот Мундијал што ќе се игра во зима, односно период кога во Катар е идеално за фудбалски натпревари, а не како што беше праксата во претходните 90 години, кога се играше во лето.

Освен тоа, Светската фудбалска федерација одлучи за првпат на Мундијалите да има и жени судии кои ќе ја делат правдата на натпреварите. Од 129 арбитри кои се определени за СП, на списокот има шест жени, од кои три ќе бидат главни. Стефани Фрапир од Франција, Салима Мукансанга од Руанда и Јошими Јамашити од Јапонија ќе ја имаат честа да бидат „главни“ на теренот.

Фрапир веќе има судено на фудбалери во квалификации за Светското првенство, како и во Лигата на шампионите. Таа беше главна судијка во финалето на женското Светско првенство во 2019 година.

„Како и секогаш, првиот критериум што го имаме при бирањето на судиите е квалитетот. Избрани се судиите кои судат на врвно ниво во најсилните натпреварувања. За нас најважен е квалитетот, а не полот на судијата“, рече претседателот на Судиската комисија на ФИФА, легендарниот Пјерлуиџи Колина.

Вкупно ќе има 36 главни судии, 69 помошни и 24 кои ќе бидат задолжени во ВАР-собата.

 

- Оглас -

Најнови вести