Мурињо даде прогноза за фаворитите на Европско првенство

Новиот тренер на Рома и еден од најценетите фудбалски стручњаци на светот, Жозе Мурињо, за британски „Сан“ анализираше дел од фаворитите на претстојното Европско првенство. Португалецот смета дека нема само еден изразит фаворит за шампион, туку за неколку тимови мисли дека може да одат до крај.

„Англија има широк ростер, со многу опции, а има и искусен стручен штаб. Во Англија и Бразил најтешко е да се биде селектор, бидејќи очекувањата се многу големи. Полуфиналето и финалето би го играле дома, и сега им е шансата да направат нешто“ – смета Мурињо за Гордиот Албион.

За Италија, Мурињо мисли дека тешко е да им се најде слаба точка.

„Манчини е многу искусен тренер, тимот многу напредува со него. Италија има и добри играчи и големо тактичко знаење. Може да се прилагодат на разни стилови на игра, знаат да одиграат на резултат. Играат како тим, и тие би требало да бидат во полуфинале“ – вели Мурињо.

„Белгија е моќен тим, долго време играат заедно, и искусни се. Мислам дека може да направат нешто специјално, а под специјално подразбирам повеќе од полуфиналето на Светско првенство. За нив, ова е сега или никогаш, во идеални години им се главните играчи“ – анализира Мурињо.

За неговата Португалија, смета дека Кристијано Роналдо последен пат ќе игра на ЕП.

„Рубен Дијаш е најдобар централен бек во сетот во моментов. До него е Пепе кој е преискусен. Португалија има и квалитетен напад, Кристијано веќе не е дете, ова веројатно му е последно ЕП. Искусен тим се, со искусен тренер, но нема да се изненадам ако не направат некој одличен резултат. Ќе гостуваме кај сите противници во групата. Ако ја минеме групата, може да стигнеме и до финале.

Мурињо смета дека Франција е силен кандидат за титула.

„Тие може да имаат три моќни селекции, имаат неверојатен број на топ играчи. Кога го имате Мбапе на ваша страна, тешко е да не победите. Тој е играч кој решава натпревари и ги плаши противниците. Светски прваци се, и за нив само финале би било успех. Немаат слабост, ако мора да одберам еден тим кој е фаворит, би рекол Франција. Ако не успеат, за нив ќе биде потфрлување.

За Шпанија, Мурињо мисли дека технички се врвни, имаат млад тим, но им фали врвен голгетер каков што беше Давид Вилја, и иако може секого да победат, не ја гледа Црвената фурија во финале.

Мурињо го спомна и изненадувањето на Македонија против Германија.

„Тимот на Лев потфрли во квалификациите за СП и во Лигата на нации. Имаа историски пораз дома од Македонија. Тешко е да се разбере зошто се толку слаби во последните две години. Германија не смее да биде потценета, тие се војници, дисциплинирани се. Може и да испаднат уште во групите, може и да одат до крај“ – смета Мурињо.

За крај, останува нашиот противник Холандија.

„Де Бур нема некое искуство како тренер или селектор, чудно беше заминувањето на Куман. Немаат лоши играчи, но немаат играчи како Ван Бастен или Рајкард. Не верувам дека може да стигнат до полуфинале. Млади се, им требаат уште две до четири години за врвен резултат“ – заклучува Специјалниот.

- Оглас -

Најнови вести