Мурињо ги дочека своите пет минути: Норвежаните малку се занесоа, па го спуштивме Бодо на земја (Видео)

Жозе Мурињо загуби две од трите битки со Рома против Бодо/Глимт сезонава, но го доби најважниот четврти меч против Норвежаните и со Римската волчица ќе игра во полуфиналето во Конференциската lига на УЕФА против Лестер.

Специјалниот подготви вистинска тактика за победа кога беше најпотребно и Рома со триумф од 4:0 во реваншот вчера го елиминира Бодо со вкупен резултат од 5:2.

Претходно во фазата по групи во истото натпреварување, Норвежаните ја декласираа Рома со 6:1 на свој терен, потоа одиграа и нерешено 2:2 во Рим, а во двомечот од четвртфиналето допатуваа на реваншот вчера со предност од 2:1.

„Немаше натпревар во Рим. Рома е многу посилна од Бодо и воопшто не се поставуваше прашање кој е подобар тим. Честитки за нив, но мислам дека малку се занесоа и си го преценија квалитетот, па ги спуштивме на земја. Двапати нè победија, еднаш и одиграа нерешено и заборавија дека Рома сепак е многу поквалитетен тим од нив. Тоа очигледно се виде на теренот во реваншот. Од првата минута ги надигравме и беше јасно кој ќе оди понатаму. Бодо направи голем резултат, но знаев дека ќе ги елиминираме. Се надевам дека со парите што ги заработија сега ќе ја сменат вештачката подлога на теренот и ќе играат на вистински терен“, изјави Мурињо.

Рома ќе игра со англискиот Лестер во полуфиналниот двомеч и тоа за Мурињо ќе биде вистинскиот предизвик.

„Лестер игра во најсилната лига на светот и ќе биде голем предизвик да се обидеме да ги елиминираме. Пред неколку години ја освоија титулата во Англија и тие се сериозен предизвик за нас“, додаде Португалецот.

Полуфиналениот двомеч почнува на 28 април, со првиот меч во Англија, а реваншот е на 5 мај во Рим.

Во второто полуфинале на тие датуми меѓу себе ќе играат Феенорд и Марсеј.

 

- Оглас -

Најнови вести