Мурињо „им пушта водичка“ на Бугарите: И ние немавме среќа во ждрепката

Менаџерот на Тотенхем, Жозе Мурињо, искажа пофални зборови за Локомотив Пловдив пред вечерашната средба на Тотенхем со Бугарите во Пловдив од квалификациите во Лигата на Европа.

„Мислам дека расположението кај нас по поразот од Евертон е исто како кај Локомотив по поразот од Лудогорец. Локомотив е добар тим, играа повеќе мечеви од нас, физички се во подобра форма во моментов. Тие имаат повеќе кондиција, но ние сме поквалитетен тим. Се игра само еден меч, елиминациски, знаеме дека дуелот ќе биде многу сериозен. Најважно е да добиеме уште три меча и да влеземе во групната фаза“, рече Мурињо.

Португалскиот стручњак смета дека Локо и Тотенхем немале среќа во ждрепката.

„И Локомотив и Тотенхем беа несреќни при извлекувањето. Бугарите требаше да добијат многу полесен ривал од нас, а ние исто така требаше да се паднеме со полесен противник од Локомотив. Ќе биде тешко бидејќи е еден меч, работата е црно-бело, или одиш понатаму или испаѓаш. Да имаше реванш, ситуацијата ќе беше поразлична“, додаде Специјалниот.

Според сајтот „Трансфермаркет“, разликата во цената на бугарскиот и англискиот тим е 138 пати во полза на Тотенхем. Локомотив е проценет на 5,23 милиони евра, а играчите на Тотенхем заедно на 721,5 милиони.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести