Мурињо објасни како Тотенхем успеа да загуби со 3:0 од Динамо

Динамо Загреб го направи едно од најголемите изненадувања во Лигата на Европа во последните неколку сезони, откако успеа со 3:0 да го победи Тотенхем на „Максимир“ во меч кој траеше 120 минути. Хрватскиот првак победи со 2:0 по 90 минути и тоа всушност беше израмнување на резултатот од првата средба во Лондон, кога Тотенхем славеше со 2:0.

Во дополнителните 30 минути, Модрите дадоа и трет гол и го шокираа англискиот премиерлигаш и тренерот Жозе Мурињо. Португалскиот стратег на клупата на Тотенхем имаше објаснување за тоа како Динамо помина во четвртфиналето.

„Мислам дека не бевме изненадени. Пред мечот, на играчите им реков дека мора да играат на победа и никако да не размислуваат на нерешено или минимален пораз од 1:0 или 2:1 со кои би поминале понатаму. Дури и на полувреме при 0:0 ги советував да нападнат и да дадат гол. Дури и кога го примивме првиот гол сакав да нападнеме и да погодиме“, започна Мурињо во своето објаснување по шокантниот меч за неговиот тим, а потоа жестоко ги нападна своите играчи.

„Ако ги заборавам последните 10 минути од екстра времето, во 90 минути и првите 15 минути од екстра времето, само еден тим играше. Тим кој реши да даде сѐ на терен. Играчите на Динамо ја вложија целата енергија, играа максимално, дури на крајот пуштија и солзи на среќа на теренот. Тие беа посветени во текот на целиот меч. На другата страна, мојот тим, од кој и јас сум дел, не личеше како да игра важен меч. Ако за играчите ова не беше важен меч, за мене беше. Во мојата кариера секој меч е важен. И за секој навивач на Тотенхем секој меч е важен. Не е доволно да речам дека сум тажен затоа што чувствувам нешто повеќе од тага. Бев во соблекувалната на Динамо да им честитам, одиграа одлично“, беше реакцијата на Мурињо по елиминацијата од Динамо Загреб.

- Оглас -

Најнови вести