Мурињо се фали дека Рома е фаворит против тимот од којшто прими 10 гола во три меча за шест месеци

Норвешкиот тим Бодо/Глимт е вистински хит сезонава во натпреварувањата на УЕФА. Бодо/Глимт е дел од Конференциската лига, каде што во првиот дуел од четвртфиналето со 2:1 ја победи фаворизираната Рома.

Овој резултат за многумина би бил изненадување, но овојпат не е изненадување ако се знае дека норвешкиот тим сезонава може да стане вистински кошмар за Римската волчица. Овие два тима играа и во групната фаза, а тогаш Бодо/Глимт дома победи со неверојатни 6:1, додека на реваншот во Рим, Рома двапати бркаше негатива на противникот и на крајот се спасуваше од пораз играјќи 2:2.

Синоќа Бодо/Глимт победи со 2:1 и само за шест месеци и три одиграни меча против Рома, овој тим даде дури 10 гола на екипата на чие чело е Жозе Мурињо. Португалскиот стратег е познат по својот одличен дефанзивен стил на игра, но против Бодо/Глимт, Мурињо едноставно како да не го знае лекот.

Иако Рома загуби во првиот дуел од четвртфиналето, Мурињо е убеден дека Рома ќе игра во полуфиналето.

„Водевме со 1:0 на полувреме, а во вториот дел ни дадоа два гола од карамбол, на среќа. Одигравме добар меч и реваншот ќе го играме на „Олимпико“, пред нашите верни навивачи. Треба да останеме спокојни затоа што ние сме фаворити за пласман во полуфиналето. Верувам во мојот тим, иако очигледно дека Бодо/Глимт има добра екипа“, рече Мурињо по поразот во Норвешка.

- Оглас -

Најнови вести