МЗТ Скопје Аеродром се спаси од домашен пораз против Куманово, и со многу маки дојде до победата од 76:70 во последниот меч од 8. коло во кошаркарската прва лига. Блокотехна и Работнички имаат по еден пораз, а зад нив се МЗТ и Гостивар со по два порази.
Вечерва во „Јане Сандански“, македонскиот вицепрвак се спаси од нова бламажа, слична на онаа од пред неколку дена во АБА 2 лигата кога од словенечка Рогашка прими дури 64 поени за едно полувреме. Сега МЗТ одигра не толку ефикасно, туку со серија поени од слободни фрлања направи пресврт.
На 7,47 минути до крајот, кумановци водеа со 67-57, но следуваше серија на МЗТ од 11-1 за изедначување. Сите 11 поени беа од линијата за слободни фрлања. Клучна беше тројката на Дарко Соколов на 1,36 минути до крајот за 72-70, што беше прво водство на МЗТ во второто полувреме. Потоа Медфорд и Иванов ја искористија збунетоста кај противникот и ја потврдија победата.
„Металците“ на овој меч без без суспендираниот Андрија Бојиќ. Тоа не се почувствува кај скоковите. Проблем за Куманово беа 18-те загубени топки и прераното славење на победата во дербито.