МЗТ и Спарс ќе калкулираат и ќе кријат адути

Судбината сакаше во последното коло од регуларната сезона во втората АБА-лига да се сретнат МЗТ Скопје Аеродром и сараевскиот Спарс, тимови кои наредната недела ја почнуваат својата полуфинална битка во плејофот.

Дуелот во „Јане Сандански“ од 17 часот ќе биде своевидна генерална проба за овие тимови кои на 20 март во Сараево го играат првиот меч од полуфиналето. Реваншот во Скопје ќе биде на 24 март, а ако резултатот е 1-1 во победи, тогаш мајсторката се игра на 28 март, повторно во Сараево. Во другото полуфинале играат Приморска и Борац Чачак.

МЗТ есеноска славеше на гостувањето кај Спарс со 75-71 (тоа е еден од петте порази на Спарс), па гостинскиот триумф во полуфиналето не е невозможна мисија. Од тој меч, сега кај Спарс го нема Хрватот Ловро Мазалин, но тука е искусниот Кенан Бајрамовиќ.

Од сараевскиот клуб потврдија дека во Скопје нема да играат Бајрамовиќ и Немања Протиќ, како и болните Адин Врабац и Драшко Албијаниќ, што многу им ја олеснува работата на „штрковите“.

„Дуелот нема резултатско значење, но сакаме да одиграме квалитетно и со победа да го завршиме регуларниот дел од сезоната. Ќе се обидеме да разиграме што повеќе играчи за онаа вистинската пресметка со Спарс во полуфиналето“, најавува тренерот Ѓорѓи Кочов.

- Оглас -

Најнови вести