МЗТ остана без крилен центар, а купи нов бек

Бековската линија на МЗТ Скопје Аеродром од денеска е засилена со Американецот Ерон Харис (26 год, 191 см), кој потпиша договор до крајот на сезоната.

Станува збор за кошаркар со репутација на добар поентер, универзитетската кариера ја минал на два престижни универзитети, Вест Вирџинија и Мичиген стејт (колеџ за кој во минатото играше Меџик Џонсон), каде што работел со еден од најеминентните тренери во САД, Том Изо.

Откако не го драфтуваа во НБА, Харис кариерата ја продолжил во Г-лигата во екипата на Висконсин херд, а минатата сезона ја одиграл во Финска во екипата на Тамперен Пиринто.

Харис и Џабари Хиндс одиграа две сезони како соиграчи во Вест Вирџинија и нема да им биде тешко да соработуваат. Новиот член на МЗТ нема да биде во тимот за задутрешниот меч со Сплит од АБА 2 лигата, а се очекува да пристигне во Скопје во текот на претстојната недела.

Од клубот информираа и дека во моментов бараат и адекватно и квалитетно засилување за центарската позиција, како своевидна замена за крилниот центар Нуни Омот, кој замина во САД.

- Оглас -

Најнови вести