МЗТ Скопје Аеродром со фантастичен финиш го доби Куманово, но се повреди капитенот Стојановски

Кошаркарскиот првак МЗТ Скопје Аеродром стигна до 12-тата победа во 15-тиот меч од домашното првенство откако славеше на гости кај Куманово со 70:65. Аеродромци сега се први на табелата со 27 бодови, еден повеќе од Пелистер, кој има 26 бода, но битолчани имаат и два меча за доигрување. Куманово со биланс 4 победи и 11 порази е на деветтото место на табелата.

Израмнето се играше речиси во целиот меч, па јасно беше дека победникот ќе се решава во финишот. Во последната четвртина Куманово влезе со позитива од 54:51, а на три минути пред крајот домаќините го имаа и најголемото водство, првпат поведоа со 10 разлика (65:55).

Сепак, МЗТ Скопје Аеродром покажа зошто е апсолутен владетел во македонската кошарка и со фантастична игра во последните три минути даде 15 поени, а не прими ниту еден и на крајот шампионот стигна до победа од 70:65.

Триумфот на аеродромци е повреден ако се знае дека во тимот го немаше повредениот Адам Мекиќ, како и новиот Американец Морис Кари, кому уште му е потребен период за адаптација. Го немаше ниту големото засилување Војдан Стојановски, кој уште нема комплетирана регистрација за МЗТ.

Во второто полувреме МЗТ Скопје Аеродорм остана и без капитенот Дамјан Стојановски, кој заработи повреда на зголобот и мораше предвреме да го заврши мечот. Утрешните лекарски прегледи треба да дадат подетални информации околу сериозноста на повредата на Стојановски.

 

- Оглас -

Најнови вести