МЗТ Скопје рутински го совлада Феникс и го обезбеди првото место во лигашкиот дел (Видео)

Кошаркарите на МЗТ Скопје забележаа рутинска победа против Феникс на гостински терен од 64-82. Оваа победа за МЗТ Скопје е 19-та од 21 натпрвар во домашното првенство и официјално го обезбеди првото место во лигашкиот дел, со оглед на тоа дека Пелистер има 17 победи на втората позиција, а останува да се одигра само уште едно коло.

Неизвесност имаше само во првата четвртина, која ја добија гостите со 20-22, додека во вториот период до израз дојде квалитетот на МЗТ Скопје, кој замина на полувремето со предност од 32-42.

Во второто полувреме предноста на МЗТ Скопје постојано растеше, а кошаркарите на Феникс немаа одговор на играта на гостите. Иако за МЗТ шанса за настап имаа сите кошаркари кои беа во записникот, сепак на крајот победата е убедлива со 18 поени разлика.

Најпрецизен на теренот беше кошаркарот на Феникс, Марјан Јанески, со 19 поени. Во екипата на МЗТ Скопје, Крстевски и Кук постигнаа по 15 поени.

- Оглас -

Најнови вести