На 30 години се пензионира вториот најмлад играч во историјата на Арсенал

Џек Вилшер своевремено важеше за голема надеж на англискиот фудбал. Сепак, тешките повреди си го направија своето, па затоа реши на 30 години да ги закачи копачките на клин.

Англискиот играч за врска во историјата на Арсенал останува запишан како втор најмлад играч со настап во сениорскиот тим – само на 16 години, 8 месеци и 12 дена. Му се предвидуваше блескава кариера кога дебитира како тинејџер под палката на Арсен Венгер, кој имаше толку доверба во него што му ја предаде капитенската лента уште пред да созрее фудбалски.

Во 14-годишната кариера, Вилшер една третина ја помина надвор од терените поради повреди. Поточно, вкупно 1.470 дена Вилшер ги помина на рехабилитација од разни причини, па не беше чудо што кариерата му се движеше во надолна линија.

Проба да ја оживее кариерата на позајмица во Борнмут, потоа и во Вест хем, каде што беше две години, па на крајот заврши во Данска, каде што минатата сезона играше за Арус. Откако му заврши договорот, Вилшер одлучи дека е доста и сега ќе биде тренер во тимот до 18 години на Арсенал.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести