На Џими Батлер не му се одеше на одмор, го уништи Бостон и закажа мајсторка (Видео)

Мајами хит го победи Бостон селтикс со 111-103 и израмни на 3-3 во нивната серија, па за титулата првак на источната конференција во НБА лигата, ќе се игра мајсторка и тоа во Мајами.

Џими Батлер играше 46 минути, и постигна 47 поени (негов личен плејоф рекорд), зачинети со 9 скока, 8 асистенции и четири украдени топки. Ова беше како копија од една партија на Леброн Џејмс од пред една деценија. Во 2012 година, Џејмс истотака во шести меч против Бостон, имаше 45 поени, 15 скока и 6 асистенции, и на Мајами му донесе мајсторка на свој терен.

Да биде јунаштвото уште поголемо, Батлер играше со повреда на десното колено. Батлер го даде и решавачкиот кош кога погоди во последна секунда од напад за водство на Мајами од шест поени разлика.

Кајл Лори имаше 18 поени и 10 асистенции, а и тој играше повреден. Кај Селтикс, се истакнаа Џејсон Тејтум со 30 и Џејлен Браун со 20 поени, додека резервата Дерик Вајт имаше 22 поени. Проблем за Бостон беа 17-те загубени топки, и 11-те офанзивни скокови на гостите, како и две утнати слободни фрлања кога се кршеше резултатот.

Кошаркарите на Мајами после победата, му се заблагодарија на Дрејмонд Грин од Голден стејт, кој ги мотивирал со изјавата и прогноза дека Вориорс во големото финале ќе игра против Бостон.

Мајсторката за првак на Истокот се игра в недела вечер.

Ова е кошот на Батлер кој ја најави победата на Мајами:

- Оглас -

Најнови вести