На играчите на Лајпциг поважни им се фризурите отколку титулата во Бундеслигата

Лајпциг во последното коло од Бундеслигата загуби со 2:0 на гости кај Ајнтрахт во Франкфурт, па сега има само еден бод повеќе од Баерн Минхен на чело на табелата во германското првенство. За Лајпциг ова беше само трет пораз сезонава, но како една од главните причини за неуспехот кај Ајнтрахт се наведуваат фризурите на фудбалерите.

Непосредно пред мечот во Франкфурт, неколкумина фудбалери на Лајпциг во својот хотел го повикале познатиот англиски фризер Шелдон Едвардс, кој требало да им ги среди косите на фудбалерите.

„Ако во неделата ме прашавте која од 12-те екипи што играа во Бундеслигата во саботата направиле ваков скандал, ќе ставев огромна сума пари дека тоа не е Лајпциг. Да бидам искрен, зачуден сум од ова“, рече поранешниот спортски директор и тренер на Лајпциг, Ралф Рангник.

Доведувањето на англискиот фризер му засмета и на актуелниот тренер на Лајпциг, Јулиан Нагелсман. Тој вели дека играчите мора да се одлучат дали ќе се борат за титулата или ќе размислуваат на своите фризури.

„Мораме да одлучиме дали сакаме да одиме напред и да ја освоиме титулата или ќе застанеме и ќе бидеме како и останатите клубови. Го немаме квалитетот на Баерн Минхен и Борусија Дортмунд. Секоја минута на тренинзите мораме да ја искористиме правилно, а не е така. Кога ќе ја видевте нашата игра 11 на 11 на тренинг, ќе ви стане јасно дека не сме најдобриот тим во лигата. Самите треба да одлучите дали сакате да бидете прваци или не. Вие таа одлука не треба да ми ја кажете мене, јас тоа го чувствувам на теренот и на тренинзите. Тоа на последните тренинзи не делува дека сакате да бидете прваци на Германија“, беше пораката на тренерот Нагелсман за играчите на Лајпциг.

Во следното коло, на 1 февруари, Лајпциг на свој терен го очекува дерби-дуел против Борусија Менхенгладбах, екипа која е на третото место на табелата само со два бода помалку од лидерот.

 

- Оглас -

Најнови вести