Фондацијата „Марко Божиновски“ објави дека третото издание на меморијалниот меѓународен турнир во чест на прерано починатиот ракометар ќе се одржи од 14 до 16 јуни во спортскиот центар „Марко Божиновски“, во населбата Ново Лисиче во Скопје.
Годинава ќе настапат дури четири странски клуба кои ќе се натпреваруваат со кадетските тимови (играчи до 18 години) на четири македонски суперлигаши.
Учесници ќе бидат Морнар од Црна Гора, Војводина од Србија, Одорхеи од Романија, Коњух од БиХ, Алкалоид, Вардар, Пелистер и Бутел Скопје.
„Во чест и аманет на нашиот Марче, ние како фондација со огромна љубов и посветеност се стремиме вечно да живее неговиот лик и дело, но и да го всадуваме спортскиот дух кој Марче го носеше во себе кај помладите генерации. Ракометот беше негов живот, љубов и животна определба.
Затоа, ве повикуваме и ве очекуваме од 14 до 16 јуни во спортскиот центар „Марко Божиновски“ да се забавуваме и заедно да ги поддржиме идните ракометни ѕвезди кои ќе нè прават горди носејќи го репрезентативниот дрес за неколку години.
Се гледаме во спортскиот центар „Марко Божиновски“, порачаа од Фондацијата.
На првото издание на меморијалниот турнир победник беше хрватски Нексе, додека на второто издание првото место им припадна на младите ракометари на Алкалоид.