На Румениге му се допаѓа нокаут-системот: Нема назад, Лигата на шампионите треба да се игра во ваков формат

Карл-Хајнц Румениге вели дека новиот формат во завршницата на Лигата на шампионите со нокаут-мечеви до финалето ќе биде вистинско освежување за најквалитетното натпреварување во Европа и дека така треба да се продолжи и во иднина.

„Ќе биде вистински хит, ќе видите. Може да донесе изненадувања, кои се ретки кога има двомечи. Во еден дуел сè е можно, немате право на поправен, а и на хартија послабите екипи имаат шанса да минат понатаму. Јас мислам дека овој формат или сличен на него треба да продолжи и во иднина“, вели Румениге.

Во Лисабон ќе играат 8 екипи во завршницата во Лигата на шампионите, а четвртфиналните дуели почнуваат утре. Ќе има само еден меч на неутрален терен, што е шанса за сите екипи да го сонуваат пехарот во луксузното натпреварување.

УЕФА, како што вели Румениге, веќе размислувала за промени на досегашниот формат со двомечи од осминафиналната рунда, а најблиску било решението да се игра фајнал фор во еден град со полуфинале и финале.

Утре Аталанта и Пари Сен Жермен со дуел од 21 часот на „Луж“ во Лисабон ќе означат старт на четвртфиналето во Лигата на шампионите, а потоа ќе се игра секој следен ден по еден меч.

На 13 август на истиот стадион во истиот термин ќе се судрат Лајпциг и Атлетико Мадрид, ден потоа и Барселона и Баерн, а само последното четвртфинале на 15 август меѓу Манчестер сити и Лион ќе се игра на „Жозе Алвеладе“, стадион на Спортинг Лисабон.

Потоа и полуфиналето ќе биде со нокаут-меч, а веќе се знае дека меѓу себе треба да играат победниците од дуелите Манчестер сити/Лион со Баерн/Барселона и Аталанта/ПСЖ со Лајпциг/Атлетико Мадрид.

 

- Оглас -

Најнови вести