Надал загуби од 50-тиот тенисер во светот

Шпанскиот тенисер Рафаел Надал изненадувачки е поразен во осминафиналето на АТП-турнирот во Вашингтон. Надал загуби со 2:1 во сетови од Лојд Харис од Јужна Африка. Харис уште во првиот сет најави дека е подготвен да направи изненадување и со брејк во седмиот гејм успеа да го добие првиот сет со 6:4.

Надал фуриозно возврати во вториот сет со 6:1, а во решавачкиот трет сет Јужноафриканецот одлично играше на свој сервис и водеше со 5:4, кога успеа да направи брејк во најдобар можен момент искористувајќи ја првата меч-топка за 6:4 и победа на тенисерот кој моментно е на 50-тото место на ранг-листата на АТП .

За Надал ова беше прв турнир во последните неколку месеци. Шпанецот последно имаше настапено на Ролан Гарос, а потоа ги пропушти дури и Вимблдон и ЛОИ во Токио. Иако загуби, тој беше среќен затоа што болките во стапалото веќе ги нема.

„Позитивна работа е тоа што моето стопало изгледа подобро од вчера. Тоа се најдобрите можни вести. Денеска играв против тенисер кој играше одлично“, рече Надал по поразот.

 

- Оглас -

Најнови вести