Надежта дека Македонија ќе игра на ракометното СП постои!

На еден ден пред почетокот на Светското првенство во ракомет, македонската репрезентација и понатаму е на „стенд-бај“, чекајќи шанса да влета на Мундијалот на местото на некоја селекција која би се откажала. Во составот на селекторот Данило Брестовац нема ниту еден заразен од корона-вирус, па тимот е подготвен веднаш да замине во Египет ако ИХФ исклучи некој од учесниците.

Откако Чесите, кои имаат 16 заразени, најавија дека по секоја цена ќе заминат на СП, сега проблематични се две неевропски селекции. САД има дури 18-мина заразени играчи плус селекторот. Американците 20 години чекаа да заиграат на СП и сега најавуваат дека сакаат на првенството да се појават само со 12 души, што е далеку од оптималните 20. Имаат само еден голман и ниту еден дефанзивец. Тие планираат утре да заминат за Египет, првиот меч им е в четврток.

Сега се отвора нова можност за Македонија, репрезентацијата на Зеленортските острови (Кејп Верде), која е на подготвки во Португалија, има седум потврдени позитивни случаи на ПЦР тестирањето.

Се чини дека оваа африканска селекција има голем проблем и можеби ќе се откаже од настап на СП, а тоа би значело учество на Македонија во последен момент.

СП започнува утревечер, со дуелот меѓу Египет и Шведска.

- Оглас -

Најнови вести