Поранешниот фудбалски голман Александар Манингер (48) загина во тешка сообраќајна несреќа што се случи утрово во близина на Нусдорф на Хаунсберг. Неговиот автомобил беше удрен од локален воз на премин. Полицијата подоцна потврди дека возачот кој претрпел сериозни повреди, не успеал да се спаси и им подлегнал на повредите.
Несреќата се случила околу 8:30 часот наутро во општината Нусдорф на Хаунсберг, недалеку од станицата Пабинг. Локалниот воз удрил во возилото „Фолксваген Мултиванот“ управувано од Манингер. Возот го влечел автомобилот неколку метри. Во возот имало околу 25 патници и возачот, но никој од нив не е повреден.
Манингер бил заробен во возилото по судирот, а веднаш бил ослободен од граѓани кои се нашле на местото на настанот и тие започнале со реанимација. Полициските службеници набрзо пристигнале и продолжиле со реанимација со помош на дефибрилатор.

Сепак, како што извести портпаролката на полицијата, Ингрид Планицер, дури ни напорите на брзата помош и лекарите не можеле да му го спасат животот и тој им подлегнал на тешките повреди. Автомобилот беше тешко оштетен во судирот, а и возот претрпе значителна штета.
Судирот се случил на технички необезбеден железнички премин преку кој поминува полски пат.
„Всушност, тоа е полски пат што ја преминува локалната железничка пруга таму. Ако продолжите, ќе наидете на неколку викендички и езерца“, изјави Матијас Ганисл, командант на Доброволната противпожарна служба Нусдорф.
Според австриските медиуми, Манингер бил страстен рибар и веројатно со својот автомобил се упатил кон овие езерца. Канцеларијата на државниот обвинител во Салцбург му наложила на сообраќајниот експерт Герхард Кронрајф да спроведе детална анализа на текот на несреќата. Факт е дека малиот железнички премин бил обележан со знак стоп. Исто така, се проверува дали преминот е изграден согласно прописите.
Александер Манингер е поранешен голман на Јувентус и на Арсенал и уште на десетина други клубови.

