Нагелсман се чуди: Како ќе продолжиме во ЛШ, почнавме со еден тим, ќе завршиме со друг

Лигата на шампионите ќе продолжи во август, од 7 до 29, за кога е закажано финалето во Истанбул, а интересно е што сосема е можно клубовите кои веќе се четвртфиналисти или тие што допрва треба да се пласираат меѓу осумтте најдобри, ќе имаат доста проблеми со играчкиот кадар.

Проблемот го посочи тренерот на Лајпциг, Јулијан Нагелсман, а се однесува на фудбалерите чии договори истекуваат во јуни.

„Ќе продолжиме во август, но како што сега стојат работите, со изменети состави. Има играчи што ќе си заминат во јуни, а Лигата на шампионите треба да продолжи два месеци подоцна. Но, кога би бирал, подобро е вака отколку воопшто да не се доигра сезоната“, вели Нагелсман.

Лајпциг го елиминираше европскиот вицешампион Тотенхем и очекува противник за двомечот во четвртфиналето што би требало да се игра на 11 и 12 со првите мечеви и на 14 и 15, за кога се планирани реваншите.

Еден од најмладите тренери во Бундеслигата се осврна и на продолжението на сезоната во Германија, што се очекува на 16 мај.

„Имаме само една шанса за титулата, а тоа е играчите на Баерн да не бидат во топ-форма. И тоа е можно бидејќи паузата е долга. Ние ќе одиме на максимален учинок и на 9 победи и ќе очекуваме чудо и некој кикс на главниот фаворит за титулата“, додава тренерот на Лајпциг.

Во сабота, на 16 мај ќе има рестарт на Бундеслигата со мечеви од 26-тото коло, а до крајот има 9 кола. Баерн е лидер со 55 бода, пред Борусија Дортмунд со 51, Лајпциг со 50, Борусија Менхенгладбах со 49 и Баер Леверкузен, кој го затвара кругот на кандидати за титулата, со 47 бодови.

- Оглас -

Најнови вести