Најавени тимови: Роналдо е свеж, време е да се разбуди „ѕверот“ во него

Јувентус го пречекува Порто на „Алијанц“ стадионот каде што во реваншот ќе брка негатива од 2-1 за да избори пласман во четвртфиналето од Лигата на шампионите. Ова е ситуација во која најмногу се истакнува Кристијано Роналдо, впрочем токму поради титулата во ЛШ е дојден во Торино која му недостасува во дресот на Бјанконерите, а ја освои четирипати со Реал Мадрид и еднаш со Манчестер јунајтед.

Португалецот е одморен, играше само 20 минути во победата над Лацио, и нема сомнежи дека целиот негов фокус е насочен кон битката против Змејовите од Порто, кои воедно му се ривали од деновите кога се појави на фудбалската сцена во дресот на Спортинг.

Пред две сезони Роналдо со хет-трик во реваншот ја анулираше предноста од 2-0 на Атлетико и го одведе Јувентус во топ 8 фазата. Заби два гола и во ланската сезона во возвратниот меч против Лион, што не беше доволно за пласман понатаму, но сепак Кристијано уште еднаш потврди дека нокаут фазата е ногово игралиште во кое доминира.

Пирло за овој меч нема да смета на дури на четворица првотимци во Дибала, Де Лихт, Бентанкур и Данило, но, стратегот на Старата дама ќе атакува со двајца напаѓачи за да издвои поволен резултат.

Најавени тимови:

Јувентус – Порто (21ч)

Јувентус (4-4-2): Шчезни, Квадрадо, Бонучи, Кјелини, Алекс Сандро, Рамзи, Рабио, Артур, Кјеза, Мората и Роналдо.

Порто (4-4-2): Марчесин, Манафа, Пепе, Леите, Заиду, Оливеира, Урибе, Отавио, Корона, Тареми и Марега.

Борусија Дортмунд – Севилја (21ч)

Проблематично е за Дортмунд што овој меч ќе го пропуштат клучни играчи како Санчо, Гереиро и поодамна повредениот Вицел, меѓутоа Милионерите имаат гостински триумф од 3-2 од првиот кој речиси им го гарантира местото во четвртфиналето. Халанд е во топ-форма, заби седум гола на последните пет меча од кои два ги реализира токму во триумфот над Севилја во првото осминафинале, па Норвежанецот нема да има ништо против доколку повторно ја затресе мрежата на гостите од Шпанија.

Севилја во прилично лоша форма со три врзани порази доаѓа на „Сигнал Идуна парк“, па затоа минимални шанси му се дава на тимот кој го води Хулен Лопетеги дека може да приреди големо изненадување. Андалузијците последен пат во Германија триумфираа во сезоната 2014/15, против Менхенгладбах со 2-3 во 1/16 фазата, а од тогаш претрпеа пораз од истата екипа и ремизираа со актуелниот европски првак Баерн Минхен.

Дортмунд (3-4-2-1): Хиц, Џан, Хумелс, Дилејни, Мение, Шулц, Белингем, Дахуд, Азар, Ројс и Халанд.

Севилја (4-3-3): Боно, Навас, Кунде, Карлос, Акуна, Фернандо, Жордан, Ракитиќ, Окампос, Гомес и Ен-Несири.

- Оглас -

Најнови вести