Најбрзиот човек на светот суспендиран бидејќи избегнувал допинг-контроли

Американскиот атлетичар Кристијан Колмен, кој е светски првак на 100 метри, привремено е суспендиран поради кршење на правилата за борба против допингот, а може да му се случи и да ги пропушти Олимписките игри во Токио следната година.

Колмен, кој има 24 години, во последните 12 месеци пропуштил три допинг-тестирања и според правилникот, може да добие суспензија во траење од една до две години. Американецот последен пат избегнал тестирање на 9 декември 2019 година, а пред тоа во јануари и април минатата година. Интересно е што за последното тестирање во декември, Колмен изјави дека го пропуштил бидејќи бил во предбожиќен шопинг.

„Ми чукале на врата додека бев на пет минути од дома, во трговски центар. Имам и сметки како доказ. Воопшто не се потрудија да ме најдат. Требаше да ми се јават на телефон дека ќе дојдат да ме тестираат. Дури наредниот ден дознав дека имало обид за тестирање и дека не ме нашле дома“, напиша Колмен на „Твитер“.

Спринтерот Колмен е фаворит за олимписко злато на 100 метри и најави жалба. Тој во септември во Доха победи на СП со време од 9,76 секунди.

- Оглас -

Најнови вести