Најдобриот меч на ЕП е тој на којшто беа постигнати дури осум гола

Европското првенство на кое Италија беше крунисана во нов континентален владетел донесе многу возбудувања, многу интересни мечеви кои мораа да се решаваат по регуларните 90 минути. Дури осум од 15-те мечеви во нокаут-фазата завршија нерешено, па мораа да се играат дополнителни 30 минути, а на четири победникот се решаваше во пенал-рулетот.

Дури и финалето беше решено на пенали откако мечот заврши 1:1, а Аѕурите во пенал-серијата победија со 3:2. Иако беше многу возбудливо и драматично, сепак финалето не е најдобриот меч кој се одигра на ЕП. Ова признание за најдобар меч на континенталниот турнир замина за средбата која ја одиграа Хрватска и Шпанија во осминафиналето.

Хрватска поведе со 1:0 по автоголот на Педри, а Шпанија до полувремето израмни со голот на Сарабија. Аспиликуета и Торес погодуваа за Шпанија за водство од 3:1 во 77-мата минута. Иако делуваше дека Црвената фурија е сигурен патник во четвртфиналето, Хрватска не се предаде и со фуриозен финиш и головите на Оршиќ и Пашалиќ стигнаа до 3:3 во 90+2 минута.

Мораше да се играат дополнителни 30 минути во кои Шпанците одиграа одлично. Мората и Ојарзабал погодија за 5:3, а Коцкестите повеќе немаа сила за ново враќање. Осумте гола и многуте драматични пресврти беа доволни за овој меч да биде прогласен за најдобар на ЕП 2020.

https://youtu.be/AKC7D0i0TLo

 

- Оглас -

Најнови вести