Најдобриот стрелец на Мундобаскетот не се задоволува со 10 милиони долари

Богдан Богдановиќ, шутерот на Сакраменто кингс, нема да ја продолжи соработката со оваа франшиза и следното лето ќе биде слободен агент. Оваа информација ја пренесе локалниот новинар Џејсон Андерсон, кој вели дека Богдановиќ ќе се обиде да изнуди побогат договор од оној што му го нуди Сакраменто за да остане.

Најдобриот стрелец на Мундобаскетот смета дека може да добие повеќе од предвидените 10,6 милиони долари. Српскиот репрезентативец влегува во третата сезона во НБА-лигата, а во изминатите две сезони се истакна како клучен играч за Кингс и во просек постигнуваше по 14 поени, 3,8 асистенции и 3,5 скока по натпревар.

Богдановиќ во Кина беше најдобриот поединец во неуспешниот поход на српската репрезентација до златниот медал, со 22,9 поени по натпревар се истакна како најдобар стрелец на светскиот собир, што е една од причините да се избори за побогат договор во друг тим. Доколку Богдан се одлучи за статусот ограничен слободен агент, ќе може да преговара со други екипи, но Сакраменто ќе има повластена положба во трката за конечен потпис.

- Оглас -

Најнови вести