Најдосаден преоден рок: Богаташите ги чуваа парите за на лето

Зимскиот преоден рок во европскиот фудбал заврши пред неколку часа, а според трансферите коишто беа направени, може да се констатира дека ова е еден од најдосадните и најневозбудливите трансфер-периоди во последниве неколку години. Во најсилните пет лиги во Европа биле потрошени вкупно 649 милиони евра за 495 трансфери, што е дури 300 милиони евра помалку од тоа што биле потрошени минатата зима.

Најбогатите клубови едноставно не беа расположени за трошење, па немаше некој атрактивен трансфер. Најскап играч во јануарскиот преоден рок е Кристијан Пулишиќ. Американецот со хрватско потекло уште во првите неколку дена по почетокот на трансфер-периодот си замина од Борусија Дортмунд и потпиша за Челзи. Англискиот премиерлигаш за овој трансфер плати 64 милиони евра, а Пулишиќ ќе остане во Борусија до крајот на сезоната како позајмен играч, па дури летоска ќе го облече дресот на лондонскиот тим.

Бидејќи гигантите како Реал Мадрид, Барселона, Манчестер јунајтед, Ливепрул, Баерн Минхен, Јувентус… го „преспаа“ овој преоден рок, најголемите трансфери во јануари ги направија екипите како што се Њукасл, Лајпциг, Вулверхемптон…

Топ 10 трансфери во јануарскиот преоден рок во 2019 година:

Кристијан Пулишиќ – 64 милиони евра (од Борусија во Челзи)

Леандро Паредес – 40 милиони евра (Зенит-ПСЖ)

Лукас Пакета – 35 милиони евра (Фламенго – Милан)

Кжиштоф Пјатек – 35 милиони евра (Џенова – Милан)

Пако Алкасер – 25 милиони евра (Барселона – Борусија Дортмунд)

Мигел Алмирон – 24 милиони евра (Атланта јунајтед – Њукасл)

Доминик Соланке – 21,2 милиони евра (Ливерпул – Борнмут)

Џони Кастро – 20,5 милиони евра (Атлетико М. – Вулверхемптон)

Амаду – Хајдара – 19 милиони евра (Салцбург – Лајпциг)

Брахим Диас – 17 милиони евра (Манчестер С. – Реал Мадрид).

Колку за споредба, минатата зима за 574 трансфери биле потрошени вкупно 934 милиони евра во топ 5 лигите. Најскап трансфер беше заминувањето на Кутињо од Ливерпул во Барселона за сума од 135 милиони евра, што е двојно повеќе од најскапиот трансфер во овој зимски преоден рок.

- Оглас -

Најнови вести