Најефикасниот Лав од Ѓорче Петров со членска книшка од Бешикташ состави топ-хуманитарен тикет

Ермедин Адем игра брилијантна сезона за Македонија Ѓорче Петров и 31-годишниот играч за врска е топ-стрелец на тимот со 9 гола и најефикасен во Првата македонска фудбалска лига кога се работи за фудбалери од средниот ред.

Има интересна приказна и тој е наш гостин со хуманитарен тикет во стандардната содржина на Спорт Манија.

ЗАЧЛЕНЕТ Е ВО БЕШИКТАШ, НА „ВОДАФОН АРЕНАТА“ ВО ИСТАНБУЛ Е РЕДОВЕН ГОСТИН

Во него има чаирска фудбалска романтика, пораснат е во една од најпознатите спортски населби во Скопје, вели дека Македонија Ѓорче Петров му е вториот дом, а навива за турскиот гигант Бешикташ, чиј симпатизер е долги години со редовна членска карта.

„Сите што ме познаваат знаат дека навивам за Бешикташ и барем еднаш годишно одам на натпреварите на црно-белите од Истанбул. Имам членска книшка од клубот и кога ќе имам слободно време, без исклучок сум на трибините на „Водафон арената“. Тие се мојата фудбалска љубов, еден клуб великан во европскиот фудбал, со многу титули, со голема армија навивачи и со пеколна атмосфера на трибините. Вистинско уживање ми е кога сум таму. Навивачите се многу добри, со цело срце и душа навиваат за најстариот клуб од Турција, а атмосферата е неповторлива. Сум бил и на дерби против Галатасарај, што заврши со победа на Бешикташ и такви моменти и атмосфера се паметат цел живот“, ја почнува приказната Адем.

ИГРАШЕ НА ДЕБИТО НА СТИВЕН ЏЕРАРД ВО ГЛАЗГОВ РЕНЏЕРС, КУЛТНИОТ „АЈБРОКС“ Е ПОСЕБНА ПРИКАЗНА 

Првите фудбалски чекори ги направи во својот Чаир, со стандардните натпревари на мали голчиња, а беше и член на Шкупи, односно поранешна Слога југомагнат.

„Татко ми е голем навивач на поранешна Слога југомагнат, сега Шкупи, и како дете често ме носеше на натпревари. Претходно и потоа стандардно игравме мал фудбал. Ќе ставиме импровизирани голови на улица, ќе го закочиме сообраќајот само за да играме фудбал. Во тоа време Слога имаше моќен тим со Арџент Беќири, Неџмедин Мемеди, Бегановиќ, Неџипи, Мазнов… и се освојуваа титули во прекрасна атмосфера, што дополнително ме мотивираше да играм фудбал. Почнав таму, а потоа и играв за Шкупи“, дополнува моментно четвртиот стрелец во македонското првенство.

За Чаирчани играше во спектакуларниот двомеч со шкотскиот гигант Глазгов ренџерс во квалификациите за Лигата на Европа и беше сведок на дебито на Стивен Џерард на клупата на шкотскиот гигант.

Во Глазгов на „Ајброкс парк“ на 12 јули во 2018 година Шкупи загуби со 2:0, а потоа во реваншот во Скопје мечот заврши нерешено без голови.

„Ајброкс исто така е посебна приказна, слична на таа на Бешикташ. Има луда и неповторлива атмосфера, што тогаш ја зачини и дебито на Џердард на клупата на Глазгов ренџерс. Игравме одлично во пеколна атмосфера, но, за жал, нè елиминираа. Како податок само колку се сака фудбалот и клубот, е примерот дека ние летавме од Скопје за Истанбул, па за Глазгов и на аеродромот во Турција имаше огромен број навивачи на Ренџерс. Го прекинуваа одморот во Анталија, Аланија и останатите турски одморалишта за да допатуваат во Глазгов и да го бодрат својот клуб, па потоа пак се враќаа да го продолжат одморот. Голем дел од играчите на Глазгов што сега играат во полуфиналето во Лигата на Европа и тогаш играа против нас, а Шкупи покажа и на ‘Ајброкс’ и во Скопје дека може да игра и против такви големи екипи. Општо мислам дека во македонскиот фудбал има таленти, одлични играчи, но заостануваме со инфраструктура, фудбалски макетинг, подобра промоција на домашниот производ“, раскажува Адем.

НА 20 МАЈ ЧЕКА ТРЕТА СРЕЌА И ПРВ ПЕХАР ВО МАКЕДОНСКИОТ КУП

За Македонија Ѓорче Петров вели дека му е вториот дом, а за популарните Лавови секогаш игра одлично.

Во сезоната 2013/14 за сегашниот клуб постигна 11 гола, што му е рекорд во кариерата, а сега 8 сезони подоцна има шанса да си го поправи рекордот, а веќе има постигнато 9 погодоци.

И сè уште го очекува најдоброто, финалето во Македонскиот куп на 20 мај на националната арена „Тодор Проески“, кога со Македонија Ѓ.П. ќе игра за пехарот против второлигашот Силекс, што ќе му биде трето куп-финале на Адем и нова шанса за прв трофеј.

„Верувам дека конечно дојде време за мојот прв пехар и се надевам дека ќе успееме да бидеме подобри од Силекс во финалето во националниот куп. Македонија Ѓорче Петров е мојот втор дом, тука се чувствувам феноменално и играм со прекрасни соиграчи и, пред сè, одлични луѓе. Ние знаеме да се дружиме и пред и по натпреварите, по десеттина играчи заедно одиме на кафе, на дружба и имаме прекрасна атмосфера. Клубот живее за успех, очекувам со пехарот в раце на 20 мај да обезбедиме и настап во европските купови. Македонија Ѓ.П. тоа го заслужува, а се надевам дека и јас ќе придонесам за да забележиме голем успех и да го донесеме вториот куп-трофеј во клупската колекција“, заврши најдобриот стрелец во Македонија кога се работи за фудбалери што играат во средниот ред.

- Оглас -

Најнови вести