Најлудото првенство во Европа: На две кола пред крајот, 11 екипи во борба за промоција, девет за опстанок (Фото)

Шпанската Сегунда убедливо е најинтересното првенство ширум Европа. На две кола пред крајот, дури 11 екипи се во игра за пласман во повисок ранг, без разлика дали тоа е директно или преку плејофот. Легањес е прв со 70 поени и во моментов е на пол-позицијата, но Ваљадолид со 69, Еибар со 68, Еспањол со 65 и Расинг Сантандер со 64 поени сè уште имаат шанси за директен пласман, во спротивно ќе играат во плејофот за пласман во Примера.

Во борба за влез во разигрувањето се Овиедо (61), Хихон (59), Елче (59), Ферол (58), Леванте (57) и Бургос (57), но само за четири екипи ќе има место во плејофот.

Ништо помалку интересно не е ниту на дното, каде што вкупно девет екипи се загрозени од испаѓање на две кола до крајот. Четири екипи ќе испаднат, а во моментов во најлоша позиција се Виљареал Б и Андора, кои имаат по 40 поени, два повеќе од нив има Алкоркон, додека Аморебиета има 44. Следуваат Уеска и Мирандес со по 45, Елденсе и Сарагоса со по 47 и Албасете со 49.

Единствените две екипи кои не можат ниту да испаднат ниту да влезат во повисок ранг се Картагена со 51 поен и Тенерифе со бод повеќе, екипи кои се наоѓаат на 12-тата, односно 13-тата позиција на табелата.

- Оглас -

Најнови вести