Најмирното градско дерби на светот – Мерсисајд е голем мерак за навивачите на Евертон и Ливерпул

Мерсисајд дерби ќе се игра вечерва во Ливерпул по 234-ти пат во сите конкуренции, а меракот од 21.15 часот ќе им припадне на навивачите на Ливерпул и на Евертон.

Интересно е што на најзначајното фудбалско дерби во Англија воопшто нема инциденти или многу ретко се случувало низ историјата да има препукување меѓу двете страни.

Со вкупно 27 титули во англиското првенство тоа е најтрофејниот тандем екипи од ист град, а почетоците се многу интересни.

Евертон e постар клуб од Ливерпул, а Карамелите се формирани во 1878 година и како за почеток, играле на славниот „Енфилд роуд“, кој бил нивниот оригинален терен и домашен стадион.

Кавгата меѓу сопственикот Џон Холдинг и раководството на Евертон, од политички причини, доведе до напуштање на првичниот дом и преселба на „Гудисон парк“.

Холдинг останал сопственик на „Енфилд“ и го формирал Ливерпул во 1892 година и се потоа е историја за градот. Се роди Мерсисајд дербито, едно од најзначајните и во Европа, а според долготрајноста и значењето, секако, најголемото во Англија.

Првиот меѓусебен дуел Евертон и Ливерпул го одиграле на 13 октомври во 1894 година и мечот завршил со победа на популарните Карамели со 3:0. За да има некаков баланс, Ливерпул ја има највисоката победа во меѓусебните дуели, а датира од 1935 година, кога славеше со 6:0 против големиот градски ривал.

Интересно е што и сега двата дома на екипите, „Енфилд роуд“, храмот на актуелниот европски првак Ливерпул и „Гудисон парк“ на Евертон се оддалечени само околу 500 метри и ги дели Стенли паркот во Ливерпул.

Навивачите на Евертон и Ливерпул честопати во минатото навиваа заедно, иако имаше и повремени несогласувања. Од формирањето на Премиер лигата, дуелите меѓу Евертон и Ливерпул се со најмногу црвени картони, но тоа се прикажува како дел од големиот ривалитет што постои меѓу двата клуба, никако како некаква најава за големо непријателство.

Ливерпул е многу поуспешен по бројот на титули и во меѓусебниот скор од Евертон. Црвените од „Енфилд роуд“ се 18-кратни англиски шампиони и имаат двојно повеќе титули од Евертон. Ливерпул е многу потрофеен и во еврокуповите, со 6 пехари од Лигата на шампионите и три во УЕФА купот, но Евертон ја има едната и единствена што ја нема ривалот во својата колекција.

Карамелите се победници на некогашниот Куп на победниците на куповите во сезоната 1984/85, па сè заедно во градот Ливерпул колекцијата е преполна и ги има сите можни трофеи во Англија и во Европа што ги освојувале ривалите од Мерсисајд дербито.

Вечерва на ред е пресметката со архивски број 234, а досега билансот во сите конкуренции е 93 победи на Ливерпул, 66 на Евертон со 74 нерешени исходи.

 

- Оглас -

Најнови вести